Лидерот треба да има јасна визија за тоа каде треба да оди тимот или организацијата, како и да може да го комуницира тоа со своите вработени, а визионерството е една од клучните особини кои треба да ги има еден менаџер. Ова е дел од деловното кредо на оперативната директорка на Далма Кетеринг, Андреа Атанасовска.

Во компанијата Далма Кетеринг, речиси три четвртини од вработените се жени. Атанасовска вели дека е особено горда што на клучни позиции, како што се неколку менаџерски, раководни и оперативни функции, се жени професионалци.

На лидерска позиција во Далма, една најуспешните кетеринг компании во земјава, сте од пред извесно време. Кои карактеристики треба да ги поседува еден менаџер за да биде успешен?

Посветеност – Кон работата, кон процесот и кон тимот.
Трпеливост – Знаете како велат: Rome was not built in a day / Рим не бил изграден за еден ден. Резултатите не доаѓаат преку ноќ.
Отвореност – Никој не знае сè. Никогаш не знаеш каде ќе ја најдеш инспирацијата за следната голема идеја. Секогаш слушај паталец, а не гаталец.
Приземјеност – Без тим нема лидер. Секоја една алка во синџирот е важна.
Визионерство – Лидерот треба да има јасна визија за тоа каде треба да оди тимот или организацијата, како и да може да го комуницира тоа кон својот тим.
Решителност – Лидерот треба да има доволна сила и одлучност во одлуките кои ги донесува, воедно треба и мора да ги превземе предизвиците и да одговори на нив.

Колкав процент на жени се застапени во вашата компанија?

Навистина сум среќна што можам да кажам дека во Далма скоро 75% од целата работна сила се жени. Ме прави особено горда и среќна што дури и на клучни позиции како менаџер за финансии, менаџер за човечки ресурси, менаџер за фин кетеринг, раководители на подружници и шефови на кујни се ЖЕНИ.

Дејноста со која се занимавате е многу интересна, но бара и многу откажувања, бидејќи е поврзана со организација на многубројни настани, свечености и слично. Како успевате да ги усогласите професионалните обврски со приватните?

Во последно време големо внимание се одава на work – life balance. Вистината е дека до тој баланс, патот знае да биде многу трнлив, но ако си посветен те исполнува тоа што го работиш и ако тоа што го создаваш ти предизвикува задоволство и гордост, тогаш работата веќе не се доживува како некоја обврска. Туку напротив, може да прерасне во убава опсесија. Кога не работам, сакам да се социјализирам и да бидам активна. Посветувам многу време на пријателите и мојот партнер, дали во домашна атмосфера или почесто во некои од скопските локали.

Новости

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *